ДИПЛОМСКИ И СЕМИНАРСКИ РАБОТИ ОД ПРЕДМЕТИТЕ ПО ГРАМАТИКА НА ПОЛСКИОТ ЈАЗИК РАКОВОДЕНИ ОД ПРОФ.МИЛИЦА МИРКУЛОВСКА

             Во последните учебни години тежиштето на студентските семинарски и дипломски работи, кои избрале област лингвистичка полонистика, е пред сè врз морфосинтаксата, како и врз зборообразувањето.
Од областа на морфосинтаксата се задржуваме врз проучувањата на структурата на именската синтагма (ИС) во рамките на простата реченица. Овие истражувања се надоврзуваат на работата која се одвиваше на маргините на проектот „Дистрибуција на членот и негова функционална мотивираност во македонскиот јазик“ во Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ) при МАНУ, раководен од академик З. Тополињска и професор С. Каролак (ВСП, Краков, Полска). Имено станува збор за ексцерпција, која придонесува кон создавањето на Специјализиран електронски корпус од областа на македонско-полската јазична конфронтација (структурата на именската синтагма во македонскиот и во полскиот јазик), како и интерпретација на јазичен материјал од македонскиот јазик (пред сè убава литература, преведена на полски јазик). При разгледувањето на употребата на определените или неопределените ИС во реченичниот израз се тргнува од нивното значење, а не од формата. Значи на категоријата определеност се приоѓа како на карактеристика на ИС, на ниво на простата фактивна реченица. Начинот на претставување на јазичниот материјал од македонскиот јазик во најголема мера е според теоретските основи што ги даваат З.Тополињска и С. Каролак со извесни модификации што ги наметнува самиот јазичен материјал.  Теоријата според која се разгледува простата реченица (нејзините членови на семантичко и морфосинтаксичко ниво) е според основите дадени во полската академска граматика. При тоа се дојде до извесни заклучоци, а и до отворени прашања за пренесување на  македонските определени и неопределени ИС (со и без морфолошки показател) со соодветни полски конструкции, каде што постојат морфолошки показатели за определеност на една ИС какви што среќаваме во македонскиот јазик. И оттука се наметна прашањето дали и како во полскиот јазичен материјал ќе се пренесе соодветната информација. Резултатите од оваа наша заедничка работа со студентите – полонисти ги претставивме на VI Македонско-полска конференција во Охрид 2002 година, на VII Македонско-полска конференција во Познањ 2005 година, како и на 4 работилници во рамките на  проектот Структурата на именската синтагма во македонскиот и во бугарскиот јазик  во Трондхајм, Норвешка и во Охрид и Скопје, Македонија.
Со ова ја продолжуваме традицијата што ја воспостави проф. Зузана Тополињска, уште во дамнешната 1983 година на конференцијата по повод 25 години од лекторатот по полски јазик при Филолошкиот факултет во Скопје, токму на овој начин, преку заедничка презентација со своите студенти – полонисти да ги воведе младите заинтересирани, можеби идни научни работници, во јазичната конфронтација.
Резултатите од нашите заеднички истражувања од областа на зборообразувањето, исто така, придонесуваат кон создавањето на Специјализираниот електронски корпус од областа на македонско-полската јазична конфронтација (зборообразување) во рамките на проектот Граматичка конфронтација полски ~ македонски при МАНУ, а се координираат со поттемата на проф. Јан Соколовски од Вроцлавскиот универзитет.
Студентите – полонисти преку ИЦАЛ беа вклучени и во собирањето на македонски јазичен материјал во проектот Речник на општествени и политички поими од источна и централна Европа. Имено, сè уште не постои јазичен корпус на македонскиот јазик достапен на интернет, па за таа цел, за да ги верификуваме дефинициите,  фрекфенцијата и колокациите на листа на поими што, како учесници во проектот ја изготвивме со проф. Марјан Марковиќ, созадовме тим студенти  кои имаа за задача да извршат ексцерпција на материјал од дневниот и неделниот печат и од Уставот на Р Македонија. Лидерство на групата студенти имаше Александра Стојанова, студент на IV година, со задача да врши примарна верификација на ексцерпираниот материјал. Извршената ексцерпција на материјалoт даде интересни резултати што беа претставени на Меѓународната конференција во Варшава во февруари 2006 година, а поттикнати од работата врз јазичниот материјал во фаза на изработка се две дипломски теми.
Во текот на 2005 година студентите - полонисти Анита Бучевска и Александра Стојанова, преку ИЦАЛ беа вклучени во проектот Синтаксички структури на словенските јазици под раководство на проф. Станислав Каролак, како родени говорители, за ексцерпција и обработка на македонски јазичен материјал, бидејќи, според својата теоретска подготовка која ја добиле на  курсевите по морфосинтакса на полскиот јазик тие можеа да одговорат на поставените теоретски барања за изведување на ексцерпцијата.
Теоретската подготовка  што ја добиваат студентите – полонисти има  примена и во извршувањето на задачи поврзани со компјутеризација на библиотеката при ИЦАЛ, а особено при задавањето на клучни зборови за одделни библиотечни единици (тема која е во почетна фаза). Па оттука се произлезени и три семинарски работи.

Избери тематика:

Избери вид на труд:


Почетна

Изработено