|
Полонистичката преведувачка лабораторија
(ППЛ)
при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“
ППЛ постои од уч. 2000/2001 година. Досега низ Полонистичката преведувачка лабораторија поминале 147 стденти, полонисти, некои од нив веќе дипломирани, кои полскиот јазик го изучуваа како странски јазик. Идејата за формирање на Полонистичката преведувачка лабораторија се јави како потреба да се направи поприменлив курсот по полски јазик како странски јазик (таканареченото Ц1 и Ц2 со фонд на часови 2+2 неделно). Целта на проф. Милица Миркуловска, како предметен наставник по граматика на полскиот јазик, во работата со овие групи е студентите да се оспособат да можат со помош на речник (за почеток Македонско-полскиот и полско-македонскиот речник од Б. Видоески, З. Тополињска и В Пјанка*, а потоа и со еднојазичните речници на полскиот јазик) да разберат полски текст од секаков стил, а преку тоа и да добијат што повеќе информации за полската култура која е толку различна од македонската. Тоа значи дека изучувањето на полскиот јазик не е само презентирање граматика и интерпретација на текстови од учебник за да се добие соодветна оцена. Нашата амбиција е да ги примениме практично стекнатите знаења на многу малиот фонд часови за граматичката структура на полскиот јазик и знаењата на мајчиниот, македонски јазик. Оттука произлезегоа нашите заеднички дела:
Адамчевски, Јан: Легенди за стариот Краков. – Скопје : Сојуз на студенти на Филолошкиот факултет, 2002. – 45с.
Сон за недофатливото место. Токарчук, Хвин, Сташук. Фрагменти од современата полска проза. – Скопје : Сојуз на студенти на Филолошкиот факултет, 2006. – 96с.
Во крајна фаза на доработка се преводите на фрагменти од делото Мртва природа и узенгија од Збигњев Херберт и на фрагменти од делото Масала од Макс Цегјелски, за кои веќе ги обезбедивме авторските права за печат и кои се прифатени за печат во две списанија од областа на литературната критика и превод во Македонија.
Во соработка со Шљонскиот универзитет во Катовице започнавме со превод на македонски јазик на комуникациските дијалози од проектот на Sokrates - Lingua 1 http://slavic-net.upol.cz и на комуникациските дијалози од книгата Milo mi Pania poznac на македонски и на албански јазик.
Во август 2006 година проф. Милица Миркуловска и студентката Александра Стојанова, како член на ППЛ, учествуваа во Преведувачката работилница во рамките на Струшките вечери на поезијата при преведување на полски јазик на поезијата на Братислав Ташковски, добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2006 година.
| Преведувачи - членови на ППЛ >>> |
| Легенди за стариот Краков >>> |
| Сон за недофатливото место >>> |
| Благодарност >>> |
* Видоески, Божидар; Пјанка, Влоѓимјеж; Тополињска, Зузана: Македонско-полски и полско-македонски Речник. - Варшава, Скопје : PWN, Македонска книга, 1990. - 704с.
Почетна
|