Историјат на врските меѓу полските и македонските слависти
Интересот на полските слависти за македонистиката постоел уште во времето по Првата светска војна. Тоа е поврзано со исклучителната атрактивност на славистите на македонската јазична територија како колевка на словенската писменост и со појавувањето на таканареченото македонско јазично прашање во науката и не само во неа. Тука можеме да ги споменеме:
проф. Станислав Слоњски од Варшавскиот универзитет, кој 1927 година во реномираното списание Prace Filologiczne објавува статија посветена на македонското прашање;
краковскиот славист Мјечислав Малецки кој 1933 година доаѓа во Македонија и започнува да ги проучува јужните македонски дијалекти, од што произлегуваат повеќе статии, како и една студија во три дела (третиот дел, студијата за говорот е довршена од неговиот ученик, професорот, член на МАНУ, Збигњев Голомб).
Од тогаш, па до денес, меѓу авторите што обработувале проблеми од македонското јазично подрачје можеме да ги сретнеме имињата на повеќе генерации светски познати полски лингвисти – слависти: Тадеуш Лер-Сплавињски, Зѓислав Штибер, Тадеуш Милевски, Станислав Роспонд, Станислав Урбањчик, Франтишек Славски, Пшемислав Зволињски, Алфред Заремба, Лешек Мошињски, Збигњев Голомб, Зузана Тополињска, Мјечислав Караш, Роман Ласковски, Станислав Карониак, Казимјеж Фелешко, Јоланта Миндак, Ирена Савицка, Казимјера-Марија Солецка, Јан Соколовски и др.
По Втората светска војна, кога Македонија се здобива со свој центар и кога македонскиот јазик конечно се здобива со статус на службен јазик во македонската федерална држава, соработката на лингвистички план меѓу Македонија и Полска се зајакнува. Во Македонија се формираат посебни институции за македонистичка лингвистика: Катедрата за македонски јазик при Филозофскиот факултет во 1946 година, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во 1953 година, а подоцна и Македонската академија на науките и уметностите – Одделението за лингвистика и литературна наука во 1968 година. Сите овие институции се поврзуваат со соодветни партнери во Полска и овозможуваат подобра комуникација меѓу полските и македонските слависти. Ова резултира и со поголем продор на македонистиката во Полска и полонистиката во Македонија.
Соработката меѓу Полска и Македонија на лингвистички план се продлабочува со отворање лекторати, за што огромен удел имаат иницијативата, залагањата и креативната концепција на академик Божидар Видоески, прво, лекторат по полски јазик во уч. 1959/60 при Филозофскиот факултет (подоцна Филолошки) во Скопје, а потоа во 1970 година по македонски јазик при Јагјелонскиот универзитет во Краков. Подоцна, како последица на потпишаните билатерелни договори и протоколи меѓу македонскиот и полските универзитети, во универзитетските програми се застапени и извесни македонистички предмети. И тоа, на Варшавскиот универзитет се отвора лекторат по македонски јазик, а подоцна и при Шљонскиот универзитет. Истовремено, со доаѓањето на проф. Зузана Тополињска како визитинг- професор при Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет на Универзитетот во Скопје се подигнува и нивото на студираната полонистика (од лекторат до полна специјализација). Денес во рамките на меѓуниверзитетските договори за реципроцитет македонскиот јазик како полна специјализација се изучува на Шљонскиот универзитет (Катовице) и на ниво на лекторат на Јагјелонскиот универзитет (Краков). Според приватни договори на универзитетските центри во Познањ, Гњезно, Ополе, Бјелско Бјала, Сопот и Варшава се организираат периодично лекторати и специјализации во ранг на втор главен предмет.
Во седумдесеттите години со протоколи меѓу Скопскиот и Јагјелонскиот универзитет се фиксирани и неколку теми од областа на дијалектологијата и историјата на македонскиот и полскиот јазик. Во осумдесеттите години со слични протоколи се официјализираат и теми за соработка меѓу Скопскиот и Варшавскиот универзитет (Јазичната конфронтација на полскиот и македонскиот и другите југословенски јазици) и меѓу Скопскиот и Шљонскиот универзитет. Неколку проекти започнуваат да се реализираат меѓу Одделението за лингвистика и литературна наука при МАНУ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, од една страна, и Институтот за полски јазик при Полската академија на науките (ПАН) и Институтот за славистика при ПАН од друга страна. Денес нашиот Универзитет и Факултет имаат договори за соработка со следниве полски универзитети: Варшавскиот универзитет (Варшава), Јагјелонскиот универзитет (Краков), Шљонскиот универзитет (Катовице), Универзитетот „Адам Мицкјевич“ (Познањ), Педагошката академија (Краков), Универзитетот во Гњезно.
Од педесеттите години наваму на македонските научни и образовни институции престојувале околу 500 полски специјалисти по лингвистички дисциплини: универзитетски наставници, асистенти, лектори, научни работници од институциите на ПАН, докторанти како и голем број на студенти по славистика од сите универзитетски центри во Полска, речиси сите од нив барем еднаш биле учесници на Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Дел од полските специјалисти учествувале на Научната дискусија при Семинарот за македонски јазик и литература...Повеќе>>> во Охрид и на други научни собири, симпозиуми, конференции организирани од МАНУ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Универзитетот во Скопје. Во истиот период повеќе десетици научни работници од Македонија престојувале на специјализација, како предавачи и како учесници на конгреси, симпозиуми и други видови научни собири во Полска, а исто така голем број на студенти учествувале на летните школи при разни универзитетски центри во Полска.
Полските и македонските слависти многу добро соработувале и соработуваат во повеќе проекти што произлегуваат од меѓународната соработка во рамките на Меѓународниот комитет на славистите: Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА), Општокарпатскиот дијалектен атлас (ОКДА), Речникот на ономастичката терминологија, Речникот на лингвистичката терминологија, Библиографијата на славистичката лингвистика и др.
Slonski, Stanislaw: W. Jagic o kwestii macedonskiej. – Prace filologiczne 19, 1927, 462-464.
Malecki, Mieczyslaw: Dwie gwary macedonskie. Sucho i Wysoka w Solunskiem. I. Texty; II Slownik. – Krakow : Bibloteka Ludu Slowianskiego, 1934; 1936.
|