ПОЛОНИСТИКАТА на Катедрата за славистика почнува од учебната 1959/1960 година, благодарение на академик Божидар Видоески (како и македонистиката на Јагелонскиот универзитет во Краков, Полска), со доаѓањето на првиот лектор по полски јазик, Влоѓимјеж Пјанка од Варшавскиот универзитет кој останува да работи на нашата Катедра 8 години. За овој период В. Пјанка подготвува прв учебник по полски јазик за македонски студенти Учебник по полски јазик (граматика со вежби и речник), Скопје, 1969. Од самиот почеток, часовите по современ полски јазик се водени непрекинато од постојан лектор од матичната земја – Полска, од различни универзитетски центри. Полскиот лекторат на Катедрата за славистика во Скопје од 1959 година до денес го воделе следниве лектори:
1959–1967 – проф. д-р Влоѓимјеж Пјанка (Варшава)...Повеќе>>>
1967–1970 – проф. д-р Кшиштоф Вроцлавски (Варшава)
1970–1973 – д-р Јацек Заорски (Лоѓ)
1973–1977 – проф. д-р Станислав Гоголевски (Лоѓ)
1977–1980 – доц. д-р Маќеј Кавка (Краков)
1980–1983 – м-р Ељжбјета Гавенда (Катовице-Сосновјец)
1983–1992 – проф. д-р хаб. Зузана Тополињска (Варшава)...Повеќе>>>
1992–1997 – д-р Казимјера Марија Солецка (Краков)
1997–1999 – м-р Магдалена Богуславска (Варшава)
1999–2003 – м-р Елжбјета Вујчиковска (Варшава)
2003–2006 – м-р Олга Сочињска (Катовице-Сосновјец)
2006– – м-р Наталија Лукомска (Катовице-Сосновјец)
До доаѓањето на академик Зузана Тополињска полонистиката се студираше како странски јазик под Ц. Со нејзиното доаѓање во 1983/84 година на Катедрата се создадени услови полонистиката да добие статус на главен предмет под А. Академик З. Тополињска како визитинг-професор целосно ја презеде наставата по полски јазик и литература како втор главен предмет, т.е. под Б (која се активира секоја втора година) и како странски јазик под Ц (која се активира секоја година). Таа нa Катедрата за славистика е ангажирана до уч. 1999/2000 каде што ги води предметите граматика на полскиотјазик и од 1992–1999 и на новововедениот предмет по нејзина иницијатива – увод во славистика. За циклуси предавања од областа на полската книжевност за период од по две недели и повеќе се канат еминентни специјалисти од трите полски универзитети – Краков, Варшава, Катовице-Сосновјец, со кои нашиот Универзитет соработува од 1973 година (со Јагјелонскиот универзитет во Краков од 1973, неколку години подоцна со Варшавскиот универзитет и најпосле од 1982 со Шљонскиот универзитет од Катовице). По одбраната на докторската дисертација во 1989 година на Катедрата доаѓа д-р Германија Шокларова-Љоровска и ја презема наставата по полска литература, водејќи истовремено и часови по граматика на полскиот јазик (како доцент, а потоа и професор по полски јазик и литература). Во ноември 1990 година на Катедрата како помлад асистент по полски јазик беше примена Милица Миркуловска, која по магистрирањето на Белградскиот универзитет во 1991 година, ги води вежбите по граматика на полскиот јазик (а по докторирањето во 1996 година, прво како доцент, па како вонреден и денес како редовен професор ги води предметите граматика на полскиот јазик, полски јазик). Во 1992/93 учебна година доаѓа од Краков, како четврт наставник по полски јазик д-р Казимјера Марија-Солецка и го води лекторатот по полски јазик. Со оваа кадровска опременост созреваат условите за издигнување на полонистиката на ниво на студирана главна насока (А). Од учебната 1994/1995 година во рамките на Катедрата за славистика започнува со работа групата за полски јазик и литература како главен предмет под А. Запишувањето на групата полски јазик и книжевност (двопредметна насока) е генерациски ограничено (во моментов студира четвртата генерација), а паралелно продолжува и редовната настава на полскиот јазик под Б и Ц. Во уч. 1998/99г. како помлад асистент по полски јазик примена е Лидија Танушевска, која по магистрирањето од уч. 2005/2006 ги води и вежбите по полска литература.
Полонистите од Катедрата за славистика се многу активни во научната работа и учествуваат во многубројни научни проекти и активности во МАНУ и ИЦАЛ При МАНУ во соработка со акад. Зузана Тополињска и проф. Милица Миркуловска...Повеќе>>>.
Досега се одржани седум македонско-полски научни конференции, организирани од страна на полските универзитети Јагјелонскиот, Варшавскиот, Шљонскиот и Универзитетот „Адам Мицкјевич“ во Познањ и на нашиот Универзитет, „Св. Кирил и Методиј“, и тоа: првата по иницијатива на акад. Божидар Видоески и проф. Јежи Русек се одржува 1976 година во Краков; втората во Скопје во 1985, во чија организација се вклучува и Катедрата за славистика; третата во Катовице-Сосновјец во 1989; четвртата во Скопје-Охрид во 1992; петтата во Варшава во 1995; шестата во Охрид во 2002; седмата во Познањ во 2006; осмата се планира во Скопје и Охрид во 2009, поврзана со прославата на 50-годишнината од полонистиката на нашиот Универзитет. Втората полско-македонска научна конференција беше организирана од Катедрата за славистика по повод 25-годишнината на лекторатот по полски јазик. Учество во неа зедоа голем број странски гости, сите поранешни лектори, колеги од нашата Катедра и од другите наставно-научни организации од Скопје, како и група од 7 студенти по полонистика. Научните трудови од оваа конференција се печатени во списанието „Славистички студии”, 1989г., целосно посветени на оваа јубилејна научна манифестација . Во IV и во VI полско-македонска научна конференција Катедрата за славистика се јавува и како коорганизатор, заедно со Семинарот за македонски јазик, литература и култура.
Сите полонисти од Катедрата редовно печатат свои трудови во полските лингвистички списанија, посебно во „Folia Philologica Macedono-Polonica", кое е резултат на соработката меѓу Шљонскиот универзитет во Катовице (тогаш матичен универзитет на д-р Казимјера Солецка, која е и иницијатор на ова списание...Повеќе>>>) и нашиот Универзитет. Од третиот том во ова списание се печатат трудови на учесниците на полско-македонските научни конференции. Со издадените последни 2 тома од Петтата и Седмата македонско-полска конференција, одржани во Варшава и во Познањ се шири кругот на издавачите на ова, на почетокот шљонско-скопско списание. На конференциите земаат активно учество полските полонисти и македонисти и од други универзитетски центри во Полска (Вроцлав, Лоѓ, Познањ, Торуњ), кои во последно време изразуваат интерес за официјална соработка со нашиот Универзитет.
Ефект на сè поинтензивната соработка е сè пошироката размена на студенти по македонистика (од Полска) и полонистика (од Македонија). Од почетокот на воведувањето на полонистиката под Б нашите студенти-полонисти регуларно се испраќаат на летните школи за полски јазик, литература и култура во Краков, Варшава, Ќешин, Лублин, Сједлце (во последно време по околу 10 студенти годишно). Во рамките на договорот за соработка со Шљонскиот универзитет и со Јагјелонскиот универзитет, по 10 наши студенти, двапати по две недели, учествуваа во студентски практики (како и полските македонисти, реципрочно, во Скопје на слични престои). Треба да се спомене и дека во 80-тите години Наум Трајкоски, тогашниот лектор по македонски јазик во Краков со помош на струшкото претпријатие „Стружанка” за полските студенти од Краков, Шљонск и Варшава (по 20 студенти за 3 недели) четирипати, самоиницијативно, организира практики во Струга и во Маврово. Во мај 2006, по покана на организаторот, најдобрата студентка полонистка Александра Стојанова го претставуваше нашиот полонистички центар на Деновите на полонистиката при Факултетот за полонистика на Варшавскот универзитет. Во мај 2006 од Факултетот за полонистика при Варшавскиот универзитет на научна екскурзија дојдоа група полски студенти – слависти. Во април 2007 од Шљонскиот универзитет во Катовице на научна екскурзија дојдоа студенти – слависти и македонисти.
Од уч. 2000/2001г. под раководство на проф. Милица Миркуловска постои Полонистичката преведувачка лабораторија при Филолошкиот факултет „Блаже Конески”.
Полонистите од Катедрата за славистика му придаваат големо значење на професионалното активирање на студентите по полски јазик и книжевност уште за време на студиите и на нивното учество во летните семинари по полски јазик и култура, како и на други научни и културни манифестации. Резултат на тие усилби и ангажирања е фактот дека повеќе дипломирани студенти по полонистика работат научно и во моментов се вработени или на Универзитетот или во други наставно-научни установи како професори, доценти, научни соработници, асистенти, стажанти, лектори и лектори по македонски јазик во полските унверзитетски центри. Во нивниот труд постојано им помагаат полските универзитети преку размена на научни кадри. Во ноември 2005г. гостуваа со циклус предавања по полска литература и историска граматика на полскиот јазик проф. Ромулад Цудак и проф. Јоланта Тамбор од Шљонскиот универзитет; во април 2007 лекторот-гостин д-р Агњешка Мадеја; проф. Милица Миркуловска гостуваше со циклуси предавања од македонско-полската јазична конфронтација на Јагјелонскиот универзитет во Краков во февруари 1998, на Вроцлавскиот униерзитет во декември 1999, на Варшавскиот универзитет во февруари и ноември 2006. Универзитетските центри и Институтот „Адам Мицкјевич“...Повеќе>>> со кои соработува нашиот Универзитет им испраќаат редовно книги, речници, прирачници, списанија, главно како подароци. Полонистиката има и одлична соработка со полските друштва во Македонија; со Амбасадата на Р. Полска во Р. Македонија, која повремено врши донации на нови мултимедијални пакети за изучување на полскиот јазик како странски јазик и со чие посредство нашата полонистика, во октомври 2004г. ја посети г-ѓа Квашњевска, сопруга на тогашниот петседател на Р. Полска Александар Квашњевски и донираше стручна, научна и уметничка литература.